Голема регионална конференција за нападите врз демократијата и човековите права во Западен Балкан

„Напади врз демократијата и човековите права: Граѓанските организации во поддршка на општествата од Западен Балкан кои се соочуваат со дезинформации, говор на омраза и хибридни напади“ е регионална конференција, организирана од ЦИВИЛ, во соработка со Балканскиот форум, членки на Платформата за граѓанско општество за демократија и човекови права (ПГО).

Конференцијата ќе се одржи на 28 јули 2021 година, со почеток во 11 часот, во хотел Парк Резиденс & Спа во Скопје.

Оваа конференција ќе биде прва во серијата настани што ќе ги организираат членките на ПГО до декември 2021 година.

ЦИВИЛ ќе биде домаќин на 150 минутна конференција со комбинирано учество (преку Интернет и физичко), поделена на две сесии. Во секоја од сесиите се поканети истакнати експерти и актери од граѓанското општество да зборуваат на прашања поврзани со темата на Конференцијата, по што ќе следи дискусија.

Учесниците на сесиите ќе се фокусираат на две тематски прашања: Како дезинформациите го нарушуваат јавниот дискурс и охрабруваат радикално навредлива реторика и говор на омраза? И: Како хибридните напади го искривуваат јавниот дискурс и ги загрозуваат демократиите.

Панелистите ќе ги споделат своите знаења и ставови за најчестите видови и извори на дезинформации, говор на омраза и хибридни напади; за тоа како институциите и општествата се справуваат со овие прашања / феномени и, кои се најдобрите практики кои се докажани како успешни во справувањето со овие феномени.

Работен јазик на настанот е англиски. Настанот ќе се емитува преку Интернет преку онлајн платформите на ЦИВИЛ, додека медиумските содржини ќе бидат преведени од ЦИВИЛ и Балканскиот форум и титлувани на јазиците што се зборуваат во нашиот регион.

https://civilmedia.mk/golema-regionalna-konferentsija-za-napadite-vrz-demokratijata-i-chovekovite-prava-vo-zapaden-balkan/